Фолклорните традиции ги освоија велешани
Преполн амфитеатар, фестивалска атмосфера и сплет од игри и песни го одбележа свеченото отворање на 9-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2012. Фестивалот го отвори Градоначалникот Горан Петров кој ја нагласи улогата на Велес во развојот и промоцијата на македонската култура: „Фолклорната плетенка што годинава ја сочинуваат 7 странски и исто толку домашни фолклорни ансамбли уште еднаш сведочи дека најубав јазик за разбирање е играта и песната, традицијата и обичаите. Цврстите мостови на пријателство што ги градиме секоја година, ја пренесуваат македонската култура се подалеку и ни носат овде, во срцето на Македонија, во Велес, грст нови звуци и танци од својата традиција“, рече Петров.
Присутните во амфитеатарот во Младинскиот парк ги поздрави Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор на фестивалот. „И досега фестивалот потврди дека е мост на соработка и нови пријателства и израз на културниот бит на Велес како град што по многу нешта е центар на македонскиот културен живот. Ви посакувам во овие 5 фестивалски вечери да уживате во музиката и танцот на домашните ансамбли и нашите гости од странство и да ги исполните овие летни ноќи со впечатоци што долго ќе траат“, истакна Јаневски. Тој упати благодарност до Министерството за култура, стопанствениците, медиумите и сите поединци кои го поддржаа фестивалот. Традиционално, на почетокот на свеченоста и претходеше дефиле на учесниците низ велешките учици. На првата фестивалска вечер настапија Ансамблот „Керамичар“ од Велес, ФА Владени од Романија, ФА „Емона“ од Словенија, КУД „Зора“ од Унгарија ДМТА „Дунавска младост“ од Бугарија и ГА „Славица“- Русија. Фестивалот продолжува со уште 4 вечери посветени на фолклорот.