По 13-ти пат гемијата заплови во Вардар

Следејќи го примерот на славните Гемиџии, стотина велешани по 13–ти пат од возобновувањето на традицијата, запловија во Вардар. Годинава, авантурата започна на 5-ти јули кога со Гемијата и гумените чамци, модерните Гемиџии се упатија кон Гевгелија. И покрај пеколната жештина и нискиот водостој на Вардар, учесниците на 13-та Вардарска регата „Гемиџии“  на првиот ден од пловидбата стигнаа до Градско.

„Би сакал како членка на Европска Унија, Македонија и Велес, да бидат во можност со гемијата и чамците да впловат во Солун онаму каде што оделе нашите велешки трговци а со нив и генерациите револуционери“ изјави за медиумите Градоначалникот Горан Петров. Тој изрази задоволство што годинава манифестацијата се одржува и во чест на 20 годишниот јубилеј на АРМ. Полковник Љупчо Костовски, Командант  на командата за обука и доктрина дека со организацијата на регатата се потврдило залагањето, посветеноста и соработката на АРМ со структурите надвор од армијата како и силната желба да се дружат со народот. Според претседателот на ЗГ „Вардарска регата-Гемиџии“  Себо Шакиров и Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион и покрај проблемите на патот,  манифестацијата се одвива добро и сите безбедно стигнале на првата контролна точка на патот до Гевгелија.

По повод завршувањето на првата етапа на регатата во воениот камп Стрела 1 на Криволак се одржа пригодна свеченост. Учесниците на Вардарската регата од Велес до Гевгелија ќе пловат четири дена. Се очекува на крајната цел да пристигнат во недела, 8-ми јули. Годинава манифестацијата е придружена со голем број културни содржини.