Донација од збратимениот град Каршијака од Република Турција за Општина Велес
Со посетата на инж. Нуркан Гецмен, директор на паркови и зеленило и арх. Тугба Сари, одговорна за уредување на зелени површини од Општина Каршијака, започна реализацијата на соработката на збратимените општини Велес и Каршијака. За време на дводневната посета на Општина Велес претставниците од Каршијака на средбата со градоначалникот Горан Петров разменија мислења околу реализацијата на активностите. Станува збор за најавениот проект од страна на градоначалникот на Каршијака, Џеват Дурак. Проектот предвидува уредување на парк во Општина Велес посветен на општините Каршијака и Адалар од Република Турција. Со проектните активности ќе се изврши реконструкција и хорти-културно уредување на паркот кај „Ликовниот салон“со вкупна површина од 1050 м2.
Во моментов се прави увид на теренот од тим составен од претставници на ЈКП„Дервен“, Општина Велес и гостите од Општина Каршијака. Проектот ќе биде целосно финансиран од страна на Општина Каршијака и ќе претставува симбол на добрата соработка содржана во меморандумот за збратимување што го потпишаа двете општини во 2011 година.