По 11-ти пат, театарот го освои Стоби

На 14-ти јули годинава, театарските уметници го вратија животот на археолошкиот локалитет Стоби. Честа да го започне 11-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма ја имаше Националниот театар од Турција со претставата „Антигона“ од Софокле во режија на Кенан Ишик. Во името на ЗГ „Стоби“ , многубројната публика во античкиот театар ја поздрави директорот на фестивалот „Зоран Љутков“ кој упати благодарност до сите институции, организации и компании кои и годинава го поддржаа ИФАД „Стоби“. Во името на граѓаните на Велес, присутните ги поздрави Градоначалникот Горан Петров.

Тој нагласи дека  овој локалитет како културно историско наследство е познат во светот, но им беше познат  само  на археолозите, историчарите и случајните патници, а фестивалот го претвори овој монумент од молчалив споменик во стожер на културниот растеж. 11-то издание на „Стоби“ го отвори Заменик - министерот за култура Драган Недељковиќ кој рече дека развојот на театарската уметност е приоритет на Министерството за култура. Токму затоа, рече Недељковиќ, министерството   целосно го поддржува фестивалот како препознатлив културен бренд на Велес и Македонија. Актерите на Националниот театар на Турција, на впечатливата сцена во античкиот театар ги освоија симпатиите на публиката со актерската игра, но и хорското пеење што дополнително ја разубави атмосферата во Стоби. Годинава на фестивалот ќе бидат изведени вкупно 6 театарски претстави. Покрај гостите од Турција, на сцената во античкиот театар ќе настапат и театри од Данска, Хрватска како и домашни театарски ансамбли. За наградите на „Стоби“., годинава ќе одлучува тричлено жири во состав: Сетинел Томрис, претседател, Јордан Витанов и Слободанка Чичевска, членови на жирито. 11-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ го овозможија Народниот театар „Џинот“ – Велес и Општина Велес-основачи на фестивалот, Министерството за култура, ексклузивниот спонзор винарија „Стоби“ и голем број компании и медиуми.