Подготвеност за справување со летните пожари

Сушата и горештините се  идеална комбинација за појава на зголемен број пожари на отворен простор. Велес и неговата околина претставуваат потенцијално место каде летните пожари можат да направат огромни штети на и онака сиромашниот шумски фонд. За ефикасното и навремено справување со можните пожари на отворен простор, денеска расправаше и Штабот за заштита и спасување под раководство на градоначалникот Горан Петров. Се расправаше за подготвеноста на одговорните субјекти во преземањето на превентивни мерки за заштита од летни пожари, како и брзото и ефикасно справување со огнената стихија.


За намалување на бројот на пожарите и брзото справување со нив, потребна е одговорност од сите: одговорните субјекти, но и граѓаните, кои треба целосно да се придржуваат на препораките за тоа како треба да се однесуваат во природа, на излет, во шума. На жителите од месните заедници им е препорачано да не ги палат стрништата и со тоа да избегнат потенцијални пожари, кои најчесто се причина за големи материјални штети кај земјоделските култури, а граѓаните да се придржуваат на препораките за движење во природа, палење на оган на отворено и сл.
Сите одговорни субјекти се изјаснија дека подготвено ја пречекуваат сезоната на летните пожари, која според статистиката  од минатите години  во Општина Велес најголем број пожари бележи во текот на месеците септември и октомври и искажаа задоволство од меѓусебната соработка.