Гран при за националниот тетар од Турција

Со претставата „Медеја“ во режија на Нада Кокотовиќ, во изведба на Битолскиот народен театар на 27-ми јули годинава се заокружи 11-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Жирито во состав Сетинел Томрис, Јордан Витанов и Слободанка Чичевска одлучи Гран при наградата за најдобра претстава да му ја додели на Националниот театар од Турција за претставата „Антигона“. Како што стои во образложението  за наградата, претставата го освои жирито со „Колективната прецизна актерска игра која го плени вниманието на публиката и не го испушти до крај како и  актерите со прочистени емоции од контексти и параболи со прекрасна дикција и цврсто извајана реченица која од колективното несвесно, свесно влезе во одбрана на Антигона“.

Наградата за најдобра режија му припадна на  турскиот режисер Кенан Ишак. Со наградите за најдобра машка и женска улога се закитија словенечкиот актер Бранко Штурбај за улогата на Евклион во „Комедија за лончето“ на Хрватскиот народен театар –Вараждин и актерката на Битолскиот  театар Јулијана Мирчевска за улогата на Медеја во истоимената претстава на Битолскиот театар. Зоран Љутков, директор на фестивалот изрази задоволство од годинешното издание на „Стоби“. „И ние како организација на фестивалот имаме чувство дека расте, дека станува многу постабилен, станува се по препознатлив и за него добиваме многу комплименти не само од Македонија туку и од странство“, рече Љутков. Годинава Фестивалот го посетија околу 6000 љубители на театарската уметност кои имаа можност да проследат 3 странски и 3 домашни остварувања. Организацијата на фестивалот и овојпат ја овозможија Општина Велес, Министерството за култура, винаријата „Стоби“ и голем број спонзори и покровители.