Прием кај Градоначалникот на Општина Велес за претставници од исламската вероисповед

По повод најголемиот муслимански празник Рамазан Бајрам, Градоначалникот на Општина Велес Горан Петров заедно со претседателот на Советот на општината организираше прием за претставници од исламската вероисповед – граѓански организации, верски здруженија, политички партии, спортски и фолклорни друштва и месни заедници. На приемот Градоначалникот Петров истакна: „Рамазан Бајрам е најголемиот и најзначајниот празник во исламската вера, празник на мирот и меѓусебното разбирање, празник на кој луѓето се свртуваат едни кон други за да си подадат рака и да си помогнат.

Околу 10.000 жители на Општина Велес од турска, бошњачка, албанска и ромска националност се припадници на исламската вера. Тоа е близу 1/5 од вкупното население во општината, население кое претставува нераскинлив дел од нашето секојдневно живеење. Токму затоа, се надевам дека тоа е заедничка констатација, ние живееме заедно едни со други, а не едни покрај други. “

Инаку за време на Рамазанските пости, Градоначалникот организираше Ифтарска вечера за стотина верници од исламската вероисповед, оние кои се придржуваат на принципите на рамазанскиот пост од горе споменатите организации.