Квалитетот на образованието во фокусот
Во организација на Општина Велес, на 29 август годинава, во просториите на општината се одржа едукативна средба посветена на квалитетот во образованието. На едукативната средба на која присуствуваа директори, наставници и вработени во стручните служби во основните и средните училишта, Божидар Јовиќ, советник инспектор за образование ги презентираше стандардите за квалитет во наставниот процес. Конкретни теми разгледани на работилницата беа:
-
„Индикатори за квалитет на училиштето“ и
-
„Индикатори за квалитет во училницата“.
Целта на едукативната средба е во пресрет на новата учебна година да се зајакнат капацитетите на вработените во училиштата и да се зголеми нивната лична одговорност како стручни лица за квалитетно и ефективно реализирање на наставните планови и програми. Воедно, работилницата беше фокусирана на подобрување на мотивацијата кај наставниците и учениците и зголемување на интерактивниот пристап во наставниот процес. Средбата беше дел од планираната Програма за стручно педагошко усовршување на образовниот кадар. Според планираното, темата на следната едукативна средба ќе биде „Климата и културата во образовните установи“.