Комеморација - Стеван Ќулумов, поранешен претседател на Општина Велес

По повод смртта на г-дин Стеван Ќулумов, поранешен претседател на Општина Велес, кој во својата 77-та година почина, на 30 август годинава во Општина Велес се одржа комеморација. Во присуство на членовите на семејството, голем број на функционери, претставници од јавниот живот во Велес и граѓани, последниот поздрав му го упати г-дин Петре Саздов, заменик Градоначалник на Општина Велес.

 „Неговата активност, довербата што ја уживаше меѓу граѓаните, професионалниот и одговорен однос придонесоа Стево Ќулумов во периодот од 1974 до 1982 година да ја извршува функцијата претседател на Собранието на Општина Велес. Двата мандатни периоди  ги искористи за конструктивност во донесувањето на одлуки од интерес на граѓаните и развојот на општината која ја предводеше. Велешани ќе го паметат како човек кој даде особен придонес во трајното решавање на градот со вода за пиење. Преку референдумско изјаснување граѓаните на Велес дадоа поддршка на  самопридонесот  за изградба на хидросистемот и браната Лисиче, за  изградба на спортската сала  „25-ти мај“ и училиштето со целодневен престој „Јосип Броз Тито“ кое денес го носи името на Блаже Конески.

Името на господинот Стево Ќулумов е поврзано и со развојот на локалната самоуправа. Значаен беше неговиот придонес во јакнењето на локалната власт, утврдувањето на насоките за работа и поврзаноста со централната власт што ги даде како претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа во периодот од 1980 до 1982 година.
Во професионалниот  развој на Ќулумов, поврзан со неговата доследност во извршувањето на поставените задачи и докажан економист во својата струка ги бележиме и ангажманите како  прв човек на Стопанска банка во Велес и директор на Топилницата за олово и цинк „Злетово“ во нејзиниот вистински подем.

Нашиот драг колега, пријател и сограѓанин, ќе остане во сеќавањата на многумина велешани и особено оние од постарата генерација кои ќе говорат за него како за човек кој до крајот на својот живот остана со својата скромност , тивок и повлечен, но јак и силен кога требаше нешто да се постигне за доброто на своите сограѓани ", рече ПетреСаздов

Стеван Ќулумов, беше семеен човек, татко на две деца. Точно напладне беше погребан на гробиштата во црквата „Свети Пантелејмон" во Велес.