Велешани ги пренесуваат меѓународните искуства
На 21 и 22 август годинава, под покровителство на Меѓународната организација за миграција поддржана од Европската унија, во Велес се одржа обука за интеграција на ученици, елиминација на сите форми на дискриминација и развој на толеранцијата во училиштата. Обуката во Домот на НВО ја спроведе велешанката Славица Јанева, кој во моментов е на магистерски студии во Виена, Австрија, а беше избрана како експерт во областа на интеграцијата во рамките на проектот за трансфер на висококовалификувани кадри од Балканот кои се едуцирани и работно ангажирани во земјите членки на ЕУ. При својот престој во Велес, Јанева го подари патентот на програмата за интеграција од организацијата “Grenzenlos” Виена на фондацијата „Фокус“. Учесниците на оваа специфична обука имаа можност директно да се запознаат со европските практики за превенција и борба против дискриминацијата како и алатките за развој на толерантни заедници. Во рамките на проектот, на 6-ти септември годинава, ќе се одржи работилница во УССО „Коле Неделковски“.