Велес го празнува 21 роденден на Македонија
Велес го отпочна чествувањето по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија со положување цвеќе на Спомен - костурницата, а делегации од Локалната самоуправа, АРМ, преставници на политички партии и граѓаните одадоа почит на паднатите борци поклонувајки се пред Споменикот на Велешките илинденци – Коњаникот во центарот на градот. Дефилето на 300 мотористи од Македонија и соседните земји беше првиот настан посветен на 21 годишнината од независноста и ги најави низата културни случувања во чест на најголемиот национален празник на Македонија.
Во предвечерјето на големиот ден во Амфитеатарот на Младинскиот парк велешани уживаа во звуците на староградската музика и ансамблите на радовишани, гевгеличани, струмичани, валандовчани и домаќините распеаните велешани. Естрадната фолк пејачка Сузана Спасовска изнуди неброени аплаузи и овојпат уште еднаш ја освои велешката публика со интерпретација и непосреден контакт со гледачите.
Празнувањето на отворено продолжува и денес, 10 септември во Младински парк каде традиционално ќе настапат велешките легенди и специјалниот гостин на вечерта легендарниот Драган Мијалковски.