21 Државен натпревар по прва помош
Сите ние сме ранливи, помалку или повеќе, но сепак сите имаме сила да научиме како да помогнеме, да му се најдеме во неволја на страдалникот, да му подадаме рака на несреќникот, да му подариме насмевка на безнадежниот, да укажеме прва помош и да спасиме нечиј живот. Тоа е и клучната порака на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина со која и започна 21-от Државен натпревар по прва помош што оваа година се одржа под мотото „Прва помош за ранливото население”.
На 15-ти септември домаќин на 21-от по ред Државен натпревар беше Општинската организација на Црвениот крст на Општина Велес во организација на Црвен крст на Република Македонија. Гости и учесници беа 23 младински екипи од 23 општински организации на Црвениот крст од целата земја со над 350 учесници. Младите се дружеа, забавуваа, но и покажаа што научиле, што знаат и што можат за оние на кои тоа им е потребно.
На присутните прво им се обрати Претседателот на Црвениот крст на Македонија, а воедно и претседател на Општинската организација на Црвен крст на Велес, доктор мед сци Милчо Трајков, кој кажа за Црвениот крст на Македонија дека посветува големо внимание на едукацијата на младите од основните и средните училишта да знаат како да дадат прва помош на соодветен и хуман начин, затоа што животот нема цена со која може да се купи. Затоа непроценлива е улогата и значењето на првата помош, дадена соодветно и навреме. Да се залагаме да има такви што повеќе меѓу нас, да го ширеме значењето и мисијата на Црвениот крст за доброто на сите нас.
Потоа го повика Градоначалникот, првиот човек на градот домаќин, господинот Горан Петров, да се обрати пред присутните и да го прогласи официјалниот старт на натпреварот.
Екипата на Црвениот крст од Прилеп беше победник на 21-от по ред Државен натпревар по прва помош пред екипите на општината Центар и Карпош. Домаќинот пак победи во натпреварот во дисеминација, знаење за улогата на Меѓународното Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Генералниот секретар на Црвен крст на РМ г-дин Саит Саити се обрати пред натпреварувачите и ги поздрави, а воедно ги ги врачи пехарите на победничките три најдобро пласирани екипи.
Велес,
септември 2012
ООЦК ВЕЛЕС