Успешни наставници за успешни училишта

Со цел да се надградат и развијат знаењата и умешностите на наставниот кадар, Министерството за образование и наука (МОН), во соработка со ЗЕЛС започна активности за подготовка на програма за обука на наставниците. Во рамките на овој проект, на 20–ти септември годинава, во Општина Велес се одржа регионална средба на наставниот и менаџерскиот кадар од Вардарскиот плански регион со претставници на МОН. Целта на средбата беше да се утврдат потребите за обуки на наставниот кадар и истовремено да се усогласат со стратешките определби на ЕУ, утврдени во Програмата за образование 20/20.

Крајниот резултат од директните средби со директорите, наставниците и стручните служби во општините е да се овозможи развој на 8 клучни способности за унапредување на темелните вредности на знаењето. Присутните на средбата имаа можност директно од госпоѓа Елена Ивановска, раководител на Секторот за основно и средно образование во МОН  да ги слушнат деталите на оваа специфична програма која овозможува активно учество на вработените во училиштата во процесот на развојот на програмите за обука. Меѓу осумте способности на кои се фокусира програмата се комуникацијата на мајчин јазик, математичката писменост, науката и технологијата и граѓанските вештини. Особен интерес на присутните беше вештината на учењето односно процесот на учење „Како да се учи“. Според најавите, по завршувањето на документот, програмата за обука ќе започне да се реализира на почетокот на наредната година.