Врачување на училишен прибор за децата без родители
Бидејќи Владата на РМ продолжува со позитивната практика да обезбедува учебници за сите ученици од задолжителното образование, Општина Велес согласно Програмата за социјална заштита и оваа година обезбеди училишен прибор за децата без родителска грижа во општината. Според евиденцијата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа 25 деца од Велес се во категорија на деца без биолошка родителска грижа, под старателство или растат во згрижувачки семејства. Поделени во три возрасни групи, 9 од нив се деца од I – IV одделение, 8 се ученици од V-VIII одделение и 8 средношколци.
Токму во чест на Светската недела на детето ова е само една од активностите и само уште еден начин со кој Општина Велес ја потврдува помошта и поддршката на децата и семејствата. Општина Велес - Општина по мерка на детето се труди да ги опфати сите ранливи група, а истовремено и да создава услови за среќно и безгрижно детство на најмладите во локалната заедница. Заради потполна дискреција на корисниците, со цел да се поштедат децата од јавноста Петров, Градоначалникот на Општина Велес на симболичен начин училишниот прибор го предаде на претставниците на Центарот за социјална работа.
Истовремено им упати благодарност за севкупната логистика и изрази убедување дека меѓусебната институционална соработка и во иднина успешно продолжува.