Велес и Вардарскиот регион ќе соработуваат со АЛЗАС
Во рамките на соработката помеѓу Општина Велес и Асоцијацијата АЛМА од регионот Алзас, Република Франција, на 4-ти октомври годинава, делегација од Алзас оствари средба со Градоначалникот на Велес, Горан Петров и раководителот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, Александар Бузалков. Отворањето на Француското катче во Велес, досегашната успешна соработка на планот на културата и можностите за проширување на соработката на планот на економската размена, производството и пласманот на вино на регионално ниво како и соработката на планот на спортот беа само дел од темите на средбата со Жак Шлеф, претседател на Асоцијацијата АЛМА, Андре Билер, претседател на Алзашкиот фудбалски сојуз и Жан-Пјер Албрехт, уметник од АЛЗАС.
Веднаш по средбата, Градоначалникот Петров и гостите од АЛЗАС одржаа прес конференција на која беа соопштени деталите околу организацијата на отворањето на Француско катче во библиотеката „Гоце Делчев“ и одржувањето на концерт по повод овој значаен културен настан. Градоначалникот Петров изрази задоволство од успешната соработка со господинот Шлеф која прерасна во заеднички проектни активности. Во името на граѓаните на Велес Петров се заблагодари за донацијата на над 1600 книги од Алзас и од Францускиот институт како и за донацијата на спортска опрема. „Овие активности го означуваат почетокот на една вистинска, одржлива соработка и се вистински пример како пријателствата помеѓу граѓаните можат да прераснат во активности од кои корист има целата локална и регионална заедница“, рече Петров.
Жак Шлеф ги информираше новинарите за активностите во АЛЗАС и отворените можности за соработка. „Особено сум среќен што покрај димензијата на европска соработка, оваа соработка има пред се човечка димензија и ги зближува луѓето“, рече претседателот на АЛМА.
На прес конференцијата беше презентирана програмата за отворањето на Француското катче кое на 5-ти октомври, во 19 часот, во просториите на библиотеката ќе го отвори г-ѓа Карен Роше в.д Амбасадор на Република Франција. Како што беше речено на прес конференцијата, на концертот што ќе започне во 20 часот во салата „Бели Мугри“ присутните ќе имаат можност да доживеат весела музика од Алзас во изведба на Жан-Пјер Албрехт и да уживаат во изведбата на пијанистот Дино Имери. На концертот ќе настапат и реномираниот актер Васил Зафирчев и музичарот Никола Димовски-член на „Франкофонски круг“-Велес. Покрај Општина Велес и Алма, овој значаен проект го овозможија Амбасадата на Република Франција, Францускиот институт, Меѓународната унија на Алзас, Алзашкиот фудбалски сојуз, Франкофонски круг-Скопје, проектот FAMES како и голем број приватни компании.