Трајно пријателство во интерес на граѓаните

Традиционалните врски помеѓу Велес и Република Франција, успешната реализација на билатерални проекти, перспективите за развој на соработката беа дел од темите на средбата на Градоначалникот Горан Петров со госпоѓа Карен Роше, в.д Амбасадор на Република Франција и членовите на делегацијата на регионот Алзас, предводена од Жак Шлеф, претседател на асоцијацијата „АЛМА“ (Алзас - Македонија). Присутните на средбата одржана во Општина Велес, на 5-ти октомври годинава  изразија задоволство од досегашната соработка на планот на културата и спортот и ги разгледаа можностите за воспоставување на соработка на планот на економијата, земјоделството и туризмот.

На средбата  присуствуваа Жерар Штедел претседател на Меѓународната унија на Алзас, Андре Билер, претставник на Фудбалскиот сојуз на Алзас, Жан Ив Лавоар, директор на Францускиот институт, Бранко Чобанов, Аташе за култура и Жан Пјер Албрехт, уметник од Франција. Присутните гости од Француската амбасада и регионот Алзас со Градоначалникот Петров ги разгледаа и отворените можности за стратешки пристап во понатамошната билатерална соработка. На средбата беше изразено обострано задоволство од реализацијата на проектот “Француско катче“ со кој Велес доби фонд од над 1600 книги на француски јазик.