Во Велес отворено француско катче

Во присуство на голем број љубители на францускиот јазик и литература, на 5-ти октомври годинава, во Народната библиотека „Гоце Делчев“ беше отворено француско катче. Катчето со над 1600 книги, донација на здружението АЛМА од Алзас и Францускиот институт од Скопје го отвори г-ѓа Карен Роше, вршител на должност Амбасадор на Република Франција, во Република Македонија. „Овој нов прозорец кон Франција, во Македонија истовремено сведочи за динамизмот и меѓународната отвореност на градот Велес, но и за интересот на македонската популација за францускиот јазик и култура“, рече г-ѓа Роше.

Во име на граѓаните на Велес, присутните ги поздрави Градоначалникот Горан Петров, кој упати благодарност до АЛМА, Француската Амбасада, Францускиот институт и сите организации и поединци кои помогнаа во реализацијата на проектот. „Ова е почеток на едно долго и трајно пријателство. Вложувањето во библиотеката е залог за иднината. Овде ќе се образуваат многу идни поколенија. Верувам дека оваа соработка ќе се прошири и на планот на економијата“, рече Петров кој го нагласи историскиот континуитет и  досегашните проекти на планот на билатералната соработка со Република Франција. Жерар Штедел, претседател на Меѓународната Унија на Алзас изрази задоволство од соработката во областа на културата и спортот и најави проширување на билатералната соработка  на регионален план, особено во областа на економијата. Жак Шлеф, претседател на АЛМА, рече дека во Алзас со задоволство работеле на реализацијата на проектот кој овозможи популаризација на француската култура во Велес. По повод отворањето на француското катче, во салата „Бели мугри“ се одржа концерт на кој настапија Жан-Пјер Алберхт, уметник од Алзас и македонскиот пијанист Дино Имери.

На концертот настапија и актерот Васил Зафирчев, музичарот Никола Димовски, член на „Франкофонски круг“ - Велес и Мимоза Анчевска, професор по француски јазик. На свеченото отворање на катчето настапија и ученици од класовите по француски јазик и музика во основните и средните училишта. Општина Велес го реализираше овој проект во рамките на Програмата за меѓународна соработка за 2012 година, во партнерство со АЛМА, Француската Амбасада, Францускиот Институт, ЗГ „Франкофонски круг“, Меѓународната унија на Алзас како и Фудбалскиот сојуз на Алзас кој во оваа пригода донираше 10 маркери за спортски терени на Фудбалската федерација на Македонија. Еден од нив е наменет за Велес. Покрај велешките франкофони, настанот го проследија и франкофоните од Скопје, Лозово како и други градови од Вардарскиот плански регион. Француското катче волонтерски го уредија професорите по француски јазик, членови на „Франкофонски круг“ - Велес и уметникот Живко Пренџов.