„Македонскиот 19 век“
„Македонецот не е ниту Србин, ниту Бугарин ниту Грк туку само Македонец со свој идентитет и јазик“, објави проф. д-р Горан Калоѓера во книгата „Македонскиот 19 век“ што во чест на празникот на градот се промовираше токму на 9-ти Ноември во Ликовниот салон. Ова е ретка книга која доаѓа од странски автор кој во моментов е најзначајниот Македонист во областа на литературата и во неа расветлува клучни прашања за македонската состојба, истакна промоторот на делото, д-р Васил Тоциновски. Книгата ја издаде Заедницата на Македонците во Хрватска.
Академик Калоѓера работи како редовен професор на катедрата за нов хрватски јазик на Филозофскиот факултет во Ријека. „Јас предавам за Хрватскиот 19-ти век, но истовремено компаративно го проучувам и 19-от век на Македонија. Ако се земе во предвид дека триесет години темелно го проучувам и истражувам овој македонски период тогаш ќе соопштам дека се што е значајно за Вас и Вашата држава почнало да се случува во 19 век. Тоа е борбата за црквата, борбата за јазикот, борбата за националноста и борбата за ослободување што на крајот даде резултати во 20 век. Затоа јас на книгата и посветив три години од мојата истражувачка работа,“ рече Калоѓера.
За промовирањето на македонскиот јазик и култура, за истражувачката работа со која опфатил и значајни личности и настани во Велес како и за промоцијата на градот надвор од Македонија, Велес на академик Горан Калоѓера му го додели највисокото општинско признание, спомен –плакета 9-ти Ноември. Калоѓера е автор на преку стотина научни трудови, добитник на многу награди и признанија, почесен член на ДПМ, надворешен член на МАНУ и почесен конзул на Македонија во Хрватска.