Наградата „Петре Прличко‘‘ предадена на лауреатот Петар Темелковски

Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот‘‘ во Велес  во рамките на програмата на Денот на Општина Велес - 9 Ноември му беше врачена Актерската награда за животно дело „Петре Прличко‘‘ за 2012 на актерот Петар Темелковски. Оваа престижна награда востановeна e од Општина Велес, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ – Велес и Здружението на драмски уметници на Македонија „Џинот“.

Наградата статуетка со ликот на Петре Прличко и паричен износ од 30 илјади денари се доделува седма година по ред, а досега је имаат добиено Благоја Спиркоски-Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски и годинашниот лауреат Петар Темелковски.

- Восхитен сум, радосен и горд што ја добивам наградата која го носи името на Петре Прличко, доајенот на македонското глумиште. Зборот легенда во последниве години е многу банализиран. Ако некој го заслужува епитетот легенда тоа со право е Петре Прличко. Затоа треба да внимаваме како го употребуваме неговото име. Петре Прличко е легенда чии дела односно бројни филмски и театарски улоги се бесмртни, изјави Темелковски.

Високата награда, актерот Петар Темелковски ја добива за своето четириесетгодишно искуство на театарската сцена и филмското платно. Темелковски има одиграно преку 70 главни ликови во македонските и театрите во соседните земји.

Во чест на наградениот, велешкиот театар ја одигра претставата „Шашардисани времиња‘‘ во режија на Стојан Стојановски, а по текст на Благоја Ристески - Платнар.