На повидок нова инвестиција на езерото „Младост“ – ќе стане ли Велес Универзитетски центар?
Претставници на индиската компанија „ЦЕЛ ПВТ ЛТД“ зедно со експерти од повеќе универзитети од Европа, Велика Британија и Северна Америка, со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, министерот за странски инвестиции Виктор Мизо, и Градоначалникот на Општина Велес Горан Петров ја посетија една од локациите над езерото „Младост‘‘ каде е можна изградба на универзитетски град. Првите впечатоци беа позитивни, локацијата оценета како прекрасна со извонредни услови за успешност на овој проект.
Локацијата која што им ја покажавме на гостите им се допадна и јас сум убеден дека изградбата на Универзитетски град на над 70 хектари површина ќе може многу бргу да се реализира. Се работи за многу амбициозен проект во кој што беа вклучени повеќе универзитети од целиот свет, а тоа значи Македонија, односно Велес има шанса наскоро да биде седиште на еден таков образовен проект, изјави градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров.
Градоначалникот Горан Петров изрази надеж дека наскоро овој проект ќе почне практично да се реализира, а што ќе биде од големо значење за локалниот економски развој на Општина Велес. Предност на локацијата е близина на автопатот Скопје–Велес и аеродромот што е добар услов таа да биде прифатена. Со тоа и Велес ќе прерасне не само во македонски, туку и во балкански универзитетски центар. Според Мартин Лукет од Велика Британија ова е многу интересен проект којшто ќе привлече високи школски установи, бидејќи локацијата на езерото е многу убава.
Многу е важно што ја добиваме поддршката и од централната и од локалната власт. А нашата цел е да се развие оваа зона и јас сакам овој проект да се реализира. Останува на локалната власт да ја обезбеди сета потребна инфраструктура за реализација на проектот, додаде Лукет.