3-ти Декември, Светски ден на лицата со инвалидност

Светскиот ден на лицата со инвалидност во Општина Велес беше одбележан со поголем број активности. Во тие рамки, Дневниот центар за лица со инвалидност во соработка со ОО на Црвениот крст, организираше забава со музичката група „Зиперс“. Волонтерите на Црвениот крст, децата од згрижувачки семејства и корисниците на Дневниот центар уживаа во заедничката забава.

Како и секоја година на назад и овојпат Градоначалникот Горан Петров не изостави  да присуствува на заедничкото обележување на Светскиот ден на лицата со инвалидност и да ги заслади со скромни подароци. Во знак на благодарност штитениците на Центарот му подарија рачно изработена слика во колаж техника. Градоначалникот им вети дека нивното мајсторско уметничко дело ќе има свое место во работниот кабинет и дека ќе се потруди во секоја можна прилика тој да им носи нови изненадувања и подароци.

Обележувањето на денот на лицата со инвалидност продолжи со активности во ПОУ „Маца Овчарова“.  Покрај бројните присутни гости, соработници, наставници, родители и дечиња на свеченоста присуствуваа Градоначалникот Петров, претседателот на Совет на Општина Велес, Чадиев и амбасадорот на швајцарската амбасада Н.Е. г-динот Стефано Лазарото. Тој во улога на донатор, го промовираше почетокот на отворањето на Дневен центар за инклузија, проект на ЗГ „Пела“ и ПОУ „Маца Овчарова“. Истовремено беше промовирана и брошурата прирачник „Секој има можност“, со содржини за лица со инвалидност.

Покрај богатата свечена програма во изведба на учениците на ПОУ „Маца Овчарова“ по шеснаесетти пат беше организирана и ликовната работилница за децата со инвалидност од училиштата ширум Македонија. Директорката на ПОУ „Маца Овчарова“ г-ѓа Татјана Љапова, изрази благодарност за поддршката што ја дава Општина Велес во создавање еднакви услови за лицата со инвалидност, за поддршката во реализација на проектни идеи и едукации и за имлементација на ЛАПЛИ.

Традиционално изложбата за отворена ја прогласи Градоначалникот Петров.

Чествувањето на денот продолжува во попладневните часови кога во 18 часот во Ликовниот салон , Здружението на лица со церебрална парализа организира свечена програма, доделување признанија на свои соработници и воедно го обележува 15 годишното постоење на Здружението.

Само за потсетување на 28 ноември, Здружението на слепи лица на Општина Велес, во партнерство со Здружение на глуви и наглуви – Велес, Здружение на цивилни инвалиди од војната – Велес, Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди - Велес, а под покровителство на Општина Велес, одржа тркалезна маса на тема: „Конвенција на правата на лицата со инвалидност“.