Хуманост на дело во ООУ „Блаже Конески“
На десетици штандови во поливалентниот простор во основното училиште Блаже Конески, по симболична цена се продаваа солени и благи кифли, торти и колачи. Производите ги подготвија родителите на учениците и наставниците, а дел беа обезбедени од велешките пекари. Хуманитарна акција има за цел да ја поттикне свесноста за сензибилизирање на јавноста за лицата со инвалидитет. Парите што ќе се соберат ќе бидат наменети за потребите на децата во Дневниот центар за деца со посебни потреби.
„Ова е хуманитарна акција која ја организиравме за да им помогнеме на децата со посебни потреби. Јас сум многу задоволен што тука гледам многу луѓе, заинтерсирани да купат од производите и сметам дека акцијата ќе биде успешна", рече Љупчо Николовски, директор на ООУ Блаже Конески.
Хуманата акција ја поздравија вработените од Дневниот центар. Велат дека парите ќе ги искористат за да ги подобрат условите на нивните штитеници. „Многу сме благодарни на оваа акција. Средствата што ќе ни ги дадат ќе ги искористиме најдобро што можеме за дополнителен простор за децата или за некои нагледни средства", рече Бобан Нецинов, Дневен центар за деца со посебни потреби.
Во хуманитарната акција по повод Светскиот ден на лицата со инвалидност, учество зема и Градоначалникот Горан Петров.