Нови проекти во соработка со УНДП

Во присуство на претставници  на советот на Општина Велес, бизнис заедницата, НВО секторот, медиумите и општинската администрација, на  12 декември годинава во просториите на Општина Велес  беа потпишани документите за почеток на нови проектни активности во соработка со УНДП.  На настанот присуствуваше заменик постојаниот претставник на УНДП  во Македонија, г-дин Алесандро Фракасети и  г-ѓа Фарие Алиу, член на  Државната комисија за спречување на корупцијата.  Градоначалникот Горан Петров, ја потпиша Антикорупциската политика-политика на интегритет на Општина Велес со што го означи почетокот на новите проектни активности на овој план.

„Ова е значаен чекор во борбата против корупцијата што овозможува да се скратат постапките и да се превенира субјективниот момент  на можна појава на корупција.  И по воведувањето на највисоките меѓународни стандарди, секогаш се стремиме да бидеме подобри и поуспешни. Потпишувањето на овој документ значи лична одговорност  на сите вработени во општината за спроведување на активностите , со цел да се подигне нивото на борбата против корупцијата“, рече Петров.

Алесандро Фракасети ја поздрави иницијативата која се спроведува во 10 општини во државата. „Со промовирање на поголем интегритет во власта, оваа иницијатива не само што допринесува за напредокот во севкупните напори на земјата за пристапување кон ЕУ, но исто така им помага на општините да добијат поголема помош од европските фондови и други можности за инвестирање што се толку важни за локалниот развој“, рече Фракасети на свеченоста.

„Првиот чекор веќе е имплементиран. Понатаму треба да се направи процена на ризици од корупција во администрацијата како и ризичните професии кои можат да бидат подложни на корупција. Спроведувањето на овие активности во општините ќе биде  можност да ги докажат сопствените антикорупциски капацитети“, најави Фарие Алиу, член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

На свеченоста, заменик постојаниот претставник на УНДП Алесандро Фракасети и Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион ги потпишаа договорите за два значајни проекти за регионот во рамките на Програмата за инклузивен развој на УНДП: Проектот за економски развој со кој во Велес ќе се отвори регионален центар за поддршка на бизнис секторот и реализација на проектни идеи и Проектот за енергетска ефикасност со кој ќе се отвори канцеларија со седиште во Неготино, а која ќе работи на реализација на проекти за енергетска ефикасност во регионот.