Завршен процесот на евалуација на Општината за привлекување на инвеститори

Општина  Велес наскоро треба да биде  една од четирите можни во Македонија која ќе добие сертификат за општина со поволно деловно опкружување. Ова е проект кој се реализира од мај месец годинава во четири општини во Република Македонија – Велес, Струмица, Штип и Струга. Проектот е финансиран од страна на германската Агенција за техничка помош и е поддржан од  Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија, Сојузот на стопанските комори, Министерството за економија и Агенцијата за странски инвестиции.

Целта на проектот е да се поттикне процесот на стандардизирање на локалниот економски развој и зајакнување на развојот на регионалната соработка заради подобрување на ефикасноста на општината во привлекувањето на инвестици, како и утврдување на унифициран водич и пристап до сите потребни информации, услуги, инфраструктура и избор на место за инвестирање. Процесот веќе започна со посетата на евалуационата комисија, која треба да ги даде последните насоки  на  вработените во Општина Велес. За време на  дводневнатата посета вработените во општинската администрација изнесоа аргументи со кои потврдуваат дека општината има изградено капацитети и успешно може да се претстави како општина погодна за инвестирање.

Процесот на сертификација се планира да заврши во почетокот на 2013 година со што Општина Велес треба да се здобие со Бизнис пријателска сертификација – Меѓународен печат за квалитет за Бизнис пријателски општини.