Петто издание МФАД „СТОБИ“
Со изворниот звук на македонските зурли и тапани преточени во незаборавната изведба на „Тешкото“ на групата Мајовци од Лазарополе и спектакуларен огномет на небото над античкиот амфитеатар, театарскиот живот се врати во Стоби.Основачот на фестивалот Општина Велес во соработка со НУЦК Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и со поддршка од Министерството за култура годинава на театарската публика од Македонија и странство се обидоа да и подарат незаборавни моменти во единствениот амбиент на археолошкиот локалитет Стоби.
Фестивалот го отвори градоначалникот на Велес Аце Коцевски кој го потенцираше значењето на оваа голема културна манифестација од национален интерес. „Помеѓу древните песни кон Дионис и свежината на модерната театарска форма Стоби е обединувачката сила што умее да го поттикне театарот повторно да се создаде. Радува фактот што една идеја денес е традиција. Стоби е и повеќе од тоа. Тој е ентузијазам, сила, обединетост и надеж.“, рече Коцевски.
Од името на Организациониот одбор на фестивалот, пред присутните говореше Младен Крстевски претседател на организациониот одбор. Поздравувајќи ја публиката, Крстевски потенцираше дека единственоста на Стоби е во тоа што и овозможува на публиката вистинско уживање во театарската уметност.Организациониот одбор на фестивалот годинава се реши во програмата да вклучи театарски претстави од Балканот и Европа. Честа да го отвори петото издание на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ како единствен учесник од Република Македонија ја имаше Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ кој премиерно ја изведе претствата „Дом за птици“ од Петре Бакевски во режија на Горан Тренчовски. Приказната за античките Македонци и македонскиот ментален склоп на затворање и поттиснување на сопствените корени, ја освои публиката во Стоби.
Сцената на древниот амфитеатар на втората фестивалска вечер беше отстапена на една поинаква визија на античката драма што со себе од далечната Холандија ја донесе групата Stichin Vide International од Амстердам. Нивната изведба на претставата „Електра“ ќе остане запаметена по единственоста на изворните песни од Албанија што во рамките на перформансот ги изведе групата Лампарда. Античката драма на Софокле ја режираше Корина Манара.
На 31 јули на сцената во Стоби, театарот„Колесо“ од Република Украина и театарот „Рачо Стојанов“ од Република Бугарија ја изведоа претставата „Златното руно“ од Радој Ралин во режија на Ирина Клишевска и Димо Димов.
Динамичната трансформација на митот за аргонаутите трагачи по златното руно во пародија на човечката потрага по идеал измами многу смеа и громогласни аплаузи од публиката.
На 3-ти август, публиката во Стоби имаше можност да ја проследи претставата “Пилад“ од реномираниот и контроверзен италијански автор Паоло Пазолини во режија на Андреа Пачото и во изведба на Народниот театар од Ужице, Република Србија. Театарот на зборот и светот на трагедијата на Пазолини на древната сцена донесе иновативен концепт со безвременски пораки за љубителите на длабочината во театарскиот израз. Судејќи според присуството и вниманието на публиката, претставата „Пилад“ успеа да допре до голем број љубители на театарската уметност.
Петото издание на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ беше затворено со пригодна свеченост во чии рамки беа доделени наградите на најуспешните театри. Свеченоста ја збогати групата „Youth on fire“ од Кикинда, која се претстави со перкусионистички перформанс и игра со оган. Во чест на наградените, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ ја изведе претставата „Железното Пиле“ од Платнар во режија на Јордан Витанов.