Пронајди се самиот
Извидничкиот одред Димитар Влахов од Велес на покана на Сојузот на извидници на Србија со 20 извидници учествуваше на 7-та Смотра на Сојузот на извидници на Србија која е од мегународен карактер. Смотрата на извидници се одржува во Ниш во периодот од 21 до 31 јули, на терените на меморијалниот спомен парк Бубањ под мотото „Пронајди се самиот”. На оваа меѓународна смотра на извидници учествуваа 2500 извидници од: Англија, Малта, Шкотска, Словенија, Бугарија, Грција, Романија и Хрватска.
Во период од десет дена учесниците на смотрата ги реализираа следните активности: духовност, традиционално извидништво, наука и техника, помош на локалната заедница, култура, спорт, прва помош и заштита.
Покрај извидниците од Велес, македонскиот контингент го сочинуваат и извидници од извидничко поречанскиот одред „Сидро” од Скопје и извидниците на извидничкиот одред „Скаут“ од Куманово. Како контингент лидер на Сојузот на извидници на Македонија е Ангелче Гушев, кој покрај велешките извидници ги предводи и останатите извидници од Македонија.
„ На смотрата сме сместени во логор со нашиот домаќин извидничкиот одред „Мија Станимировиќ“ од Ниш, со извидници од Англија, Бугарија и Романија. Условите се одлични, сместувањето е на највисоко ниво, програмските активности се задоволителни и доста атрактивни за учесниците на оваа смотра. Активностите се произлезени од потребата на младите, па така сите работилници и планирани активноти се посетени во целост “, ни изјави Ангелче Гушев, предводникот на македонскиот контингент во Ниш.