Затворено петтото издание на МФАД „СТОБИ“ 2006
Спектакуларната игра со огнови што на сцената во Стоби ја изведе групата „Youth on fire“ од Кикинда, Република Србија го означи почетокот на театарската вечер во која свечено беше затворен V Меѓународен Фестивал на античка драма „Стоби“ 2006. Групата „Youth on fire“ чии членови досега настапувале на повеќе фестивали на Балканот, веќе две години работи на спектакли кои вклучуваат игра со оган, но и на специфични етнолошки перформанси чија заедничка карактеристика е космополитизмот зошто претставуваат сплотеност на различни традиции и култури. Настапот на групата ја освои публиката во Стоби, а играта со огнот остана незаборавен момент од ова издание на фестивалот.
Традиционално, во рамките на свеченото затворање на фестивалот беа доделени наградите на најуспешните учесници. Со одлука на Жири комисијата на фестивалот во состав Стојан Стојановски-претседател и актерите Катина Иванова и Кирил Ристески-членови, Grand Prix наградата за најдобра претстава ја доби претставата „Златното руно“, копродукција на театарот „Колесо“ од Киев, Република Украина и Драмскиот театар „Рачо Стојанов“ од Габрово, Република Бугарија. Текстот на Радој Ралин во театарска пародија на потрагата по идеал го преточија режисерите Ирина Клишевска и Димо Димов. Претставата „Златното Руно“ доби и награда за најдобра режија како и специјална награда за колективна игра.
Во име на наградените театри, наградите ги примија неговата Екселенција, господинот Михо Михов, Амбасадор на Република Бугарија и господинот Алексеј Петров, советник во Амбасадата на Република Украина.
За најдобра женска улога беше наградена актерката Зорица П. Панчиќ за нејзината улога на Поли во претставата „Дом за птици“ од Петре Бакески, во режија на Горан Тренчовски што во официјална конкуренција на фестивалот ја изведе Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ –Велес.
Претставата „Дом за птици“ ја доби и Специјалната награда за посебен уметнички израз, а на актерката Весна Димитровска и припадна Специјалната награда за улога од публиката.
Изразувајќи благодарност до сите поединци, институции и стопанственици кои го помогнаа фестивалот, Градоначалникот Аце Коцевски го затвори петтото издание на „Стоби“ со отворена покана до љубителите на античкиот театар за повторна средба во 2007 година, на шестото издание на фестивалот.
Петото издание на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ го помогнаа Министерството за култура, Националниот конзерваторски центар, претставниците на бизнис секторот: Аксент Медија-Скопје, Прокредит Банка, Велешко ЕЗЕРО Дооел Хотел Романтик, кабелската телевизија Спринт, Домот на култура од Велес и уметникот копаничар Љубомир Бисинов,.
Годинава специјални гости на фестивалот беа претставниците на театарот „Город“ од Долгопрудни, Московска област од Руската Федерација.
Во чест на наградените, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ ја изведе претставата „Железното Пиле“ од Платнар во режија на Јордан Витанов.