Трета седница на Економскиот совет

Денес во просториите на Општина Велес  се одржа третата по ред  седница на Економскиот совет на Градоначалникот Горан Петров. Денешната седница се одржа во проширен состав со една точка на дневен ред, разгледување на Основниот проект, предмерот и пресметката за отворање на Регионален бизнис центар во поранешната зграда на Радио Велес. Економскиот развој е идентификуван како област со најголемо значење за регионот поради жешките прашања за невработеноста и миграцијата што негативно влијае на целокупната благосостојба на населението. Општините од регионот сеуште се соочуваат со многу предизвици кога се работи за локалниот развој, поточно во областа на финансирање на локалните услуги, креирање на работни места, обезбедување на поддршка за локалните бизниси и инвестицискиот сектор, подготовка на проекти и  зголемување на  апсорбирачкиот капацитет на средства од ЕУ и други меѓународни фондови.

Во таа смисла, со напорите за дизајнирање добро осмислена политика и активни мерки за поддршка на приватниот сектор и креирање на услови за развој на силна и конкурентна регионална економија се очекува да се ублажи интензитетот и последиците од невработеноста и миграцијата. Тоа е главниот предизвик кој треба да се реши со отворање на овој Регионален бизнис центар.

Активностите кои започнаа околу отворање на овој центар веќе придонесоа за зајакнување на соработката меѓу општините и бизнис заедницата која денес  резултираше со активно финансиско учество во адаптација, реконструкција и опремување  на центарот од страна на бизнис секторот застапен преку свои релевантни здруженија и комори.    Се очекува Регионалниот бизнис центар да отпочне со работа за два месеца.