Циклус обуки за слепите лица

На 04.02.2013 година, во просториите на Здружението на слепите лица на Општина Велес, се одржа првата од циклусот обуки за слепите лица, на тема: „Јакнење на капацитетите - Софтвер за евиденција на членството“. Обуката беше од национален карактер, на која учество земаа претседателите и секретарите на 16 од вкупно 18 здруженија на слепите лица во Македонија, како и секретарот и претседателот на Националниот сојуз на слепите лица на Македонија, г-дин Жарко Селковски.

Циклусот обуки е поддржан од Општина Велес, согласно Локалниот акциски план за лицата со инвалидност. Учесниците изразија благодарност до Општина Велес за доблеста и поддршката што општината и градоначалникот Петров во континуитет ја даваат на инвалидските организации, односно инвалидните лица.

Општиот впечаток на учесниците е дека овој прв пример на поддршка на обуки за слепи лица од локалната самоуправа, претставува поттик и останатите општини во Македонија да ги јакнат капацитетите на инвалидските организации, зошто несомнено тие се сервис не само за инвалидните лица, туку се и во функција на локалните самоуправи за создавање еднакви услови за сите членови на заедницата.