Старт на новата учебна година

ImageСо нов концепт и нова реонизација на училиштата во Општина Велес стартуваше учебната 2006/2007 година. Во сите основни училишта во подготвителна настава се запишани вкупно 473 ученици, а во прво одделение 547 ученици.
Новата учебна година во сите основни и средни училишта стартуваше без поголеми проблеми особено поради подготовките и санационите зафати кои со финансиска поддршка од Општина Велес ги презедоа училиштата.

Почетокот на новата учебна година свечено беше одбележан во сите основни училишта каде за првпат годинава во училишните клупи седнаа првачињата и децата од подготвителната настава.

По повод почетокот на новата учебна година во организација на Општина Велес, во Младинскиот парк се одржа пригодна културно-уметничка програма за сите ученици од основното образование.
Пред стартот на новата учебна година Градоначалникот Аце Коцевски ги посети сите училишта под надлежност на Општина Велес

Успешните подготовки за почетокот на новата учебна година во Општина Велес покажаа дека и покрај фактот што капиталните инвестиции во образованието се под надлежност на Владата, со ентузијазам и прифаќање на предизвикот на промените општините можат да направат многу повеќе за да обезбедат соодветни услови за настава.

ImageПрипојувањето на училиштата „Трајко Андреев“ и „Блаже Конески“ на стартот на новата учебна година се одвива без проблеми.
Во општинското основно училиште „Благој Кирков“ уредени се 7 училници и отворен е холот во училиштето. Во подрачното училиште „Стојан Бурчевски-Буридан“ –Сујаклари изграден е нов санитарен јазол. Во Подрачното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во с. Црквино извршена е санација на кровот, поправка на таваните, поставени се олуци, бетонирани се тротоарите околу училиштето и реконструирана е фасадата. Во Општинското средно училиште „ Јовче Тесличков“ кое се пресели во објектот на поранешното училиште „Трајко Андреев“ амбиентот на стартот на новата учебна година пријатно ги изненади и учениците, наставниците и родителите. Покрај санирањето на сите училници, новите и свежи бои на училиштето, учениците добија и нов кабинет по информатика.

Во Општинските средни училишта „Димитрија Чуповски“ и „Кочо Рацин“, уреден е училишниот хол и отворени се се нови кабинети.
Прифаќајќи го образованието како еден од врвните приоритети во рамките на децентрализацијата, Општина Велес и во периодот што следи ќе вложи максимални напори за создавање на уште подобри услови во образовните институции на локално ниво.