Француската песна го освои Велес

Љубителите на франкофонијата  во Велес за првпат уживаа во натпревар на француска шансона. Натпреварот насловен „Пееме на француски“ се одржа на 13 март годинава,  во салата „Бели Мугри“, во организација на Општина Велес и Француското катче. Учениците од основните и средните училишта од Велес и Лозово  настапија со изведба на евергрини и актуелни француски хитови под менторство на професорите по француски јазик.

Марија Николова, претставник на Националната комисија за франкофонија во име на стручното жири ги прогласи победниците на првата француска шансона и изрази задоволство од масовната посетеност на настанот и интересот на младите велешани за француската музика и култура. Првиот натпревар се одржа со  цел да се вратат традиционалните културни вредности во доменот на франкофонијата по која Велес бил препознатлив и да се поттикне интересот на младите генерации за францускиот јазик и култура. На натпреварот, прво место во категоријата основни училишта, освои ООУ „Благој Кирков“, второто место му припадна на училиштето „ЈХК-Џинот“, а трето место освои ООУ „Васил Главинов“. Во категоријата средни училишта, првото и третото место ги освои Гимназијата „Кочо Рацин“. Второто место му припадна на  ОСУ „Јовче Тесличков“. Манифестацијата која привлече голем интерес кај велешани се одржа во рамките на одбележувањето на Месецот на франкофонијата.