Признанија и благодарници за најхуманите од ООЦК Велес
17 - март, Денот на крводарителството и Црвениот крст на Македонија во Велес беше пригодно одбележан со доделување на признанија на крводарителите и најуспешните основни организации и поединци кои во текот на 2012 година покажале посебни резултати во развојот и унапредувањето на организацијата на Црвениот крст и доброволното дарување на крв. Во присуство на градоначалникот на Општина Велес, г-дин Горан Петров, претседателот на Советот на Општина Велес, м-р Славчо Чадиев и мед.сци. д-р Милчо Трајковпретседател на Црвениот крст на Македонија и ООЦК Велес, на сите крводарители, членови, активисти и волонтери, како и на пријателите на Црвениот крст празникот им го честита и се заблагодари за нивната хумана мисија подпретседателотна ООЦК Велес, Марија Настова.
Таа посебно ја нагласи поддршката и соработката со локалната самоуправа, градоначалникот и Советот на Општината, со Одделението за трансфузиона медицина , со училиштата, установите и деловната заедница, што резултира со постигнување на завидни резултати во работењето. ООЦК - Велес заедно со Општинските организации од Градско и Чашка со години наназад се вбројува во редот на најуспешните организации и е на второ место по бројот од 4076 собрани крвни единици во државата. Планот за 2012 година е остварен со 219,02%.
Општинската организација на Црвениот крст од Велес обединува над 300 волонтери и активисти и повеќе од 120 членови. Бројот на младите постојано се зголемува, како и бројните активности што се организираат со и во училиштата во Општината.
На Манифестацијата беа доделени признанија за 50,75 и 100 дарувања, како и на најуспешните основни организации за постигнатите резултати и унапредувањето на развојот на крводарителството во 2011 година. Со избрани музички нумери свеченоста ја збогатија учениците од Општинските средни училишта Гимназијата „Кочо Рацин“ и „Димитрија Чуповски“.

