Одбележан денот на независноста
Во чест на 8-ми септември, Денот на независноста на Република Македонија, на 6-ти септември годинава, во просториите на Општина Велес свечено беше отворена изложбата „Благослов“ на копаничарот Љубомир Бисин. Изложбата на копаничарски дела ентериерни елементи за новата сала за венчавање со ликовен салон свечено ја отвори градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски кој пред присутните потенцираше дека им должиме благодарност на сите кои мудро водејќи ја земјата без војна и крвопролевање ја остварија независноста.
„Во изминативе 15 години се случија многу добри нешта со кои треба да се гордееме. Се соочивме со тешки проблеми и предизвици. И после се, нема да згрешам ако констатирам дека можеше да се направи многу повеќе и многу подобро“, рече Коцевски. Говорејќи за копаничарските дела со чие прво презентирање пред јавноста Велес го одбележа Денот на Независноста, Коцевски изложбата „Благослов“ ја нарече „фасцинантна постановка во која е врежана надежта, ентузијазмот, силата на човекот да се надмине себе си и најубавите желби за генерациите што ја создаваат и ќе ја создаваат иднината на Велес.
Делата на копаничарот Бисин предизвикаа големо внимание во јавноста поради нивната уметничка вредност, уникатноста и нивното значење како траен израз на културниот бит на Велес.
Според најавите новата сала за венчавање со ликовен салон ќе биде отворена при одбележувањето на 9-ти ноември, Денот на Општина Велес.
Свеченото одбележување на Денот на независноста на Република Македонија, со целовечерен концерт во амфитеатарот на Младинскиот парк го збогати оркестарот „Љубојна“.