Ново сообраќајно решение за дел од уличната мрежа

Општина Велес во соработка со ДПРН „Зум проект“ од Скопје изготви  сообраќаен проект чија цел е да го подобри одвивањето на сообраќајот и безбедноста  на потегот од крстосницата на улиците „Благој Ѓорев“  и „8-ми Септември“ (поранешна „Маршал Тито“) и крстосницата на улиците „Благој Ѓорев“ и „Васил Ѓоргов“. Проектот вклучува воведување на светлосна сигнализација (семафори)  со вградена електронска  контрола   на сообраќај  која овозможува најава, броење и откривање на присуство на возила како и меѓусебна координација на споменатите две крстосници.

Воедно, овој проект ќе овозможи и утврдување на нов режим на сообраќајот  (двонасочен), на потегот помеѓу двете крстосници. „Зум проект“ го изработи проектот врз основа на претходно изготвената Сообраќајна студија која опфаќа поголем дел од уличната мрежа во Велес. Следниот чекор во подобрувањето на условите за сообраќај е реализацијата на подготвената проектна документација. Предложеното сообраќајно решение можете да го видите на сликите во прилог.