Бузалково - нови спортски терени
Од десети септември годинава, животот на децата во село Бузалково е збогатен со можноста за спортување на двете новоизградени спортски игралишта: ракометно и кошаркарско. Игралиштата се изградени со поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Со реализацијата на овој инфраструктурен проект уредени се вкупно 1300 м² простор.
Агенцијата за млади и спорт ги финансираше изведбата, обележувањето и опремата. Општина Велес учествуваше во реализацијата на проектот со средства во висина од 180.000 денари со кои е извршено оградување на просторот во вкупна должина од 135 метри, поставување на клупи и заштитни огради на прозорците.
Спортските терени во Бузалково во употреба ги пушти градоначалникот Аце Коцевски со симболично означување на почетокот на првиот натпревар на новите терени.