Се формира социјалната карта на општината

Неодамна промовираниот проект „Патролен социјален работник“, што пред јавноста го најави г-дин Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика, постепено ја добива својата физиономија во општина Велес. Тричлената патролна служба, во која со по еден претставник партиципираат Општината, Центарот за социјална работа и Општинската организација на Црвен крст отпочна со откривање и евидентирање на социјалните проблеми на терен. Предмет на евиденција се бездомништвото, деца на улица, семејно насилство, просјачење, нарушени семејни односи и сл. За секој поединечен случај се воведува социјална карта се детален опис на случајот и потребите.

Секако, ова е уште еден придонес за дооформување на социјалната карта на Општината. На помош притекнуваат и граѓаните кои пријавуваат случаи на објавените телефонски броеви. Намерата е, покрај психолошката и советодавна поддршка, од страна на членовите на патролата, во координација со надлежните локални институции, лицата, да се вклучат во системот на социјална заштита што го пружаат институциите на власта и другите заинтересирани субјекти во локалната заедница.

Деновиве, работата на Патролниот социјален работник ја проследи екипа на Македонската телевизија која со објавувањето информации во јавноста даде поттик за афирмација на активностите и уште поблиска соработка со граѓаните, што несомнено води кон подобрување на социјалната сигурност кај населението.