Работна посета на Вршац и Инџија
Делегација на Општина Велес предводена од градоначалникот Аце Коцевски на 12 и 13 септември годинава престојуваше во работна посета во општините Вршац и Инџија, Република Србија.
При посетата на Општина Вршац делегацијата оствари средба со членови на Советот на Општината и имаше можност да се запознае со системот на управување со спортски објекти. Особено внимание во рамките на посетата беше посветено на моделите на менаџмент во спортот кои отвораат можности за локален економски развој. Во тој контекст, делегацијата на Општина Велес го посети спортскиот центар „Милениум“ во Вршац кој важи за еден од позитивните примери за ставање на спортските активности во функција на локалниот економски развој во регионот.
Цел на посетата на Општина Инџија беше разгледувањето на искуствата во областа на локалниот економски развој и информатичката технологија по кои ова општина е препознатлива во Република Србија. Делегацијата на Општина Велес беше примена од Претседателот на Општина Инџија, господинот Горан Јешиќ кој го презентираше т.н „Систем 48“ кој со помош на информатичката технологија овозможува граѓаните да добијат одговор на своите барања до општинската администрација и јавните претпријатија во рок од 48 часа од доставувањето на барањето. Во рамките на посетата на Инџија беа разгледани и позитивните практики и модели на привлекување на странски инвестиции и поттикнување на локален економски развој.
При посетата на општините Вршац и Инџија градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, ги пренесе искуствата од процесот на децентрализација во Република Македонија . Во рамките на пресотојот беа разменети мислења околу можностите за продлабочување на соработката во контекст на континуирана размена на искуства и отворање на нови полиња на соработка.