9-ти Мај – Ден на Европа
Денот на Европа 9-ти Мај денес свечено се одбележа во Велес. Во младинскиот парк со звуците на Одата на радоста, македонската и велешката химна започна чествувањето на Денот на Европската Унија. „Врската меѓу овие два датума крие во себе голема симболика. Слободата што ја извојуваа европските земји со победата над фашизмот создаде услови да се гради и да расте нова, обединета Европа. Европа на младоста, Европа без граници, Европа во која ќе има слободен проток на луѓе, стоки и идеи, Европа со единствен пазар“ – рече Градоначалникот Чадиев во своето поздравно обраќање и порача дека членството во ЕУ за Македонија не е императив сам посебе туку можност за напредок на сите граѓани во локалната заедница, а Македонија никогаш до сега не била поблиску до својата цел – членство во големото семејство на народите.
Пред присутните се обрати и првиот секретар на Амбасадата на Република Романија во Република Македонија Октавијан Сербан во улога на претставник на Комисијата на Европската унија во Скопје, поточно во улога на домаќин на празнувањата во чест на Денот на Европа. Заедно со Градоначалникот Чадиев г-дин Сербан ги посети штандовите на училиштата што ги претставуваа земјите членки на Унијата и ја проследи програмата подготвена за оваа свеченост. Високиот претставник на ЕУ имаше средба и во кабинетот на Градоначалникот каде во директни разговори се разменија искуствата од досегашната соработка на Општина Велес со земјите членки на ЕУ, можноста за учество во заеднички проекти и користење на фондовите на ЕУ од страна на Општината, Вардарскиот регион и граѓанските организации. Посетата на Велес г-дин Сербан ја искористи за посета на Индустриската зона Речани.







