Meѓународни признанија за ученици од велешките основни училишта

Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денес ги прими наградените ученици од ООУ „Св. Кирил и Методиј" и ООУ „Рајко Жинзифов" кои освоија бројни награди на меѓународни натпревари. Учениците и наставниците од ООУ „Св. Кирил и Методиј" заедно го освоија 1 место на Европскиот форум за иновативни наставници организиран од Microsoft во Лисабон. 2 место на Глобален форум на иновативни наставници во Прака, Р. Чешка. 1 место на светски ранг во Италија на тема „Иднината на едно место во светот”.

Ученици од ООУ „Св. Кирил и Методиј" земаа учество и на 6-тиот Интернационален научен саем органзииран од универзитетот „Мехнет Акиф" од Бурдур, Р. Турција, каде што беа единственото основно училиште чиј проект беше избран помеѓу стотина останати.

Учениците од ООУ „Рајко Жинзифов"на меѓународен конкурс за компјутерски цртеж и колаж во категорија од 9-12 година, организиран во Хасково, Р. Бугарија ги освоија првите три места: Џигал Алмин – златен медал, Кицара Аделина – сребрен медал и Шатара Алдина – бронзен медал. Учениците од ООУ „Рајко Жинзифов" се стекнаа и со уште 12 дипломи за учество на меѓународниот конкурс. Со пофални зборови за постигнатите резултати, на учениците им се обрати и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев. Тој им вети дека и понатаму ќе ги поттикнува и финансиски ќе ги помага нивните таленти. „Задоволен сум што овие две училишта постигнаа значителен успех и што достојно ја презентираа, општината, нивните училишта и македонија во странство. Општината и понатаму во рамките на своите можности ќе ги поттикнува и финансира ваквите меѓународни натпревари“, рече Славчо Чадиев. Општина Велес на наградените ученици и наставници им го честита успехот и им посакува уште поголеми резултати, промовирајќи ги своите училишта и својот град.