Повеќе од 100 граѓани на прием кај градоначалникот
Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, денес четврток (16.05.2013 година) повторно ги отвори вратите на својот кабинет за низ директни средби да ги слушне потребите на граѓаните.
Ова беше втор приемен ден за средба со граѓаните на Општина Велес. Приемниот ден започна во 09.00 часот во просториите на Општина Велес и заврши со приемот на последниот 105-ти граѓанин. Присутниите имаа можност од градоначалникот, а и од службите од општинска администрација да побараат одговор на прашања, да ги изнесат проблемите со кои се соочуваат и да побараат решение за истите.
„Секој ќе има можност да се сретне со мене. Лично ќе ми го каже проблемот. Знам дека временски сме ограничени на 5-10 минути, но тоа е доволно за да се лоцира. Сакам да кажам дека јас сум отворен за граѓаните. Ако се појави нешто итно тука сум секој ден“, вели Славчо Чадиев градоначалник на Општина Велес.
Прашањата на кои веднаш градоначалникот неможеше да одговори, ги забележуваше а одговорите граѓаните ќе ги добијат најдоцна за 10-тина дена.
Во интерес на граѓаните на Општина Велес, а согласно динамиката и агендата на обврските на градоначалникот, оваа пракса е предвидено да продолжи и во наредниот период секој втор четврток во месецот.
