Промоција на прирачникот „Искористи го своето право – образувај се на својот мајчин јазик“

Општина Велес  беше домакин на средбата што по повод промоцијата на прирачникот „Искористи го своето право – образувај се на својот мајчин јазик“ ја организираше Агенцијата за остварување на правата на заедниците во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието  на јазиците на припадниците на заедниците. Проектот е финансиски поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

Во присуство на поголем број претставници на немнозинските заедници од Општина Велес,  општински училишта, јавни установи и здруженија на граѓани, беше претставен прирачникот кој има за цел да го доближи до ученикот образованието на неговиот мајчин јазик, но и да ги поттикне одговорните во создавањето на услови за остварување на правата за образование на мајчин јазик.

Во Општина Велес  редовна настава се изведува на македонски и албански јазик, а како експериментална е наставата на босански јазик за учениците од ООУ „Рајко Жинзифов“  од Горно Оризари и веќе втора година на влашки јазик една паралелка во рамките на ООУ „Васил Главинов“.

Прирачникот и темата за остварувањето на правата на немнозинските заедници предизвикаа голем интерес кај присутните, кои го искористија присуството на претставниците од  надлежните институции за покренување на поголем број прашања на кои во наредниот период треба да им се посвети внимание со цел воведување  и на други јазици на немнозинските заедници во образовниот процес во Општина Велес.