Одбележан Денот на пожарникарството
Со практични вежби за спасување на загрозени граѓани од колективна станбена зграда при појава на пожар и спасување на повреден во сообраќајна незгода, денес вработените во територијалната противпожарна единица го одбележаа денот на пожарникарството во РМ. Во практичната потврда за подготвеноста на професионалната противпожарна единица им помогнаа и членовите на Доброволното друштво „Видра“ од Велес и ја потврдија својата спремност за брзо и професионално дејтвување во случај на потреба. ТППЕ од Велес е мала, но ефикасна и професионална единица, која дејствува во рамките на републичките сили за гаснење на пожари.
Тие се докажана екипа во акциите за справување со пожари, во подготвеностa за техничка интервенција во случај на сообраќајни несреќи, но радува и податокот дека тие постојано работат на својата едукација. – истакна во своето поздравно обраќање градоначалникот на Општина Велес, м-р Славчо Чадиев. ТТПЕ од Велес меѓу првите во Македонија воспостави соработка со Операција „Флоријан“ од Обединетото Кралство со цел за размена на искуства и стекнување на нови знаења. Како резултат на таа соработка Велес доби ПП возило за интервенција при гаснење на пожар, помошно возило за техничка опрема, компресор и разни видови лична и колективна ПП опрема , а деновиве во Велес престојуваат група англиски едукатори и испитувачи кои ги спроведоа завршните испити по двонеделната обука што се реализираше во Обединетото кралство кон крајот на минатата година. На денешната свеченост во центарот на Велес беа доделени сертификатите на вработените во ТППЕ, а на установи и поединци кои придонесуваат во развојот на пожарникарството во општината, беа доделени благодарници.








