„EMY-2“ и „Субвенција на плати“
Општина Велес во соработка со Програмата за развој на ОН – УНДП, започнува со реализација на два проекти, за чија реализација обезбедени се финансиски средства од Владата на Кралството Норвешка и Владата на Република Македонија. Проектите имаат за цел да промовираат активни мерки за создавање на вработувања преку подготовка на работната сила за успешно пронаоѓање на работа и задоволување на потребите на работното место. Покрај оваа генерална цел, проектите обезбедуваат и подршка на процесот на децентрализација, локалните бизниси и локалниот економски развој во насока на намалувањето на невработеноста и сиромаштијата преку подобрување на знаењата, вештините, квалификациите, работното искуство како клучни фактори кои треба да обезбедат одржливо вработување. Клучни партнери на Општина Велес и УНДП во овие проекти ќе бидат Агенцијата за вработување – Центар Велес, Центарот за социјална помош, Стопанската комора на Република Македонија и локалните мали и средни претпријатија.
1. „Посредување при вработување на млади невработени – EMY“, фаза 2
Овој проект има за цел да обезбеди помош на локално ниво во обезбедувањето на одржливи вработувања, генерирање на приходи и намалување на сиромаштијата преку спроведување на активна политика на пазарот на трудот. Целна група ќе бидат сите млади, образовани невработени лица до 35 годишна возраст. Општина Велес, согласно роковите ќе поднесе официјална апликација до УНДП најкасно до 18 октомври 2006 година. Заради припрема и успешно спроведувње на процесот на аплицирање Општина Велес треба да направи:
? Првична проценка на потребата од реализација на овој проект.
? Избере општински координатор.
? Истражување на потребите на МСП за кадар со средно и високо образование.
За таа цел Општина Велес во соработка со УНДП и партнерите, со официјално писмо ќе го покани бизнис секторот и клучните локални партнери на презентација и промоција на проектот на 05 октомври 2006 година, во 9 часот во Општина Велес. Заинтересираните МСП за вклучување во проектот ќе потпишат со општината и Центарот за вработување Писмо за намери каде ќе се дефинира бројот на волонтерите кои ќе бидат ангажирани, временскиот период на волонтирањето, потребните квалификации, бројот на вработувања и статусот на вработувањето (определено или неопределено време по завршувањето на волонтерската пракса). По официјалното одобрување на проектот од страна на УНДП, општината со локалните партнери ќе спроведе процес на собирање на пријави од страна на заинтересираните млади образовани лица и нивно спојување со МСП. Секое МСП може да ангажира најмалку 1 (еден), а највеќе 3 (три) волонтери, што значи дека во проектот можат да бидат вклучени највеќе 30, а најмалку 10 МСП. Согласно оперативните упатства за реализација на проектот процентот на вработување по завршувањето на волонтерската пракса несмее да биде помал од 50%.
Со проектот ќе бидат опфатени 30 (триесет) лица на возраст до 35 години од кои 70% (21 лице) со средно образование и 30% (9) со високо образование.
Вкупната вредност на проектот е 11.000 $, а сите трошоци треба да бидат исплатени заклучно со Април 2007 година.
2. „Субвенција на плати“
Овој проект има за цел да обезбеди субвенционално вработување насочено кон работоспособни невработени лица кои подлежат на социјална помош, нивно реинтегрирање како активна работна сила преку подобрување на работниот капацитет и мотивацијата со цел да се овозможи нивно одржливо вработување во локалните МСП. Целна група се сите млади образовани лица со средно или повисоко образование до 30 годишна возраст кои бараат работа подолго од 12 месеци, значи заведено во Агенцијата за вработување подолго од 1 година, лица со ограничен пристап во наоѓањето на работа како што се лицата со посебни потреби, малцинствата, а особено женската популација.
Во рамки на проектот ќе бидат субвенционирани до 60% од бруто платите во соодветната стопанска дејност, односно до 140 $ месечно, но не повеќе од 6 месеци. Предвидена е и сума од 45 $ месечно по работник за набавка на мали алатки и заштитна опрема, како и еднократна сума од 2.000 $ за подобрување на условите за пристап на лицата со посебни потреби.
Општина Велес, согласно роковите треба да поднесе апликација до УНДП најкасно до 25 октомври 2006 година. Заради транспарентност на постапката, Општина Велес ќе организира промоција на проектот на 05 октомври 2006 година во 9 часот и со официјално писмо ќе ги покани сите заинтересирани МСП за вклучување во проектот да поднесат апликација до најкасно до 18 октомври 2006 година, по што општината со партнерите ќе избере најмалку една, а најмногу три апликации, кои потоа ќе се интегрираат во една официјална апликација и истата ќе биде доставена до УНДП.
Висината на грантот може да варира во зависност од бројот на ангажираните лица од страна на МСП и тој изнесува од 5,000 – 20,000 $, а сите трошоци треба да бидат исплатени заклучно со Април 2007 година.
Сите заинтересирани за учество како и детали за проектите можат да се обратат во Одделението за ЛЕР и ИТ на телефон 043 212 100.