Свечена академија по повод денот на сесловенските просветители
Денес во Општина Велес во пресрет на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, се одржа свечена академија на која беа наградени најдобрите просветни работници. Најуспешни поединици за 2013 година се: Лила Арсова, вработена во ООУ „Рајко Жинзифов – Долно Оризари, Велес, Весна Христовска, наставник по информатика и техничко образование во ООУ „Стојан Бурчевски - Буридан“ – Иванковци, Велес и Томислав Иванов, вработен во ССОУ „Коле Неделковски“ - Велес. Во чест на празнувањето на просветителството, пригодно обраќање имаше Градоначалникот Славчо Чадиев, кој воедно и ги врачи признанијата на најуспешните.
Градоначалникот Чадиев истакна дека секое навраќање на 24 Мај силно го разгорува во нас чувството на припадност на својот народ и на својот јазик, на корените што се длабоко навлезени во личниот идентитет на секој Македонец. Велес се гордее со своите современи просветители – наставници во основно и средно образование кои со кирилометодиевото писмо секојдневно отвораат нови хоризонти пред нашите деца. Тие го одржуваат континуитетот на опстојувањето на македонскиот јазик и култура. – рече градоначалникот Славчо Чадиев. На свеченоста, уметничкиот дел го збогати хорот при ООУ „Св. Кирил и Методиј“, како и дел од театарската претстава подготвена од истото училиште.