Крводарителска акција во чест на празникот 24-ти Мај

На 24.05.2013 год. во просториите на Ликовниот салон во Велес се одржа крводарителска акција под покровителство на Општина Велес а во соработка со Навивачка група „Гемиџии” и со Црвениот крст на град Велес. Повод за оваа акција беше, празникот 24-ти Мај, Денот на сесловенските просветители и 110 годишнината од солунските атентати. Организациски акцијата помина беспрекорно, за што зборува и бројката од 150 собрани крвни единици.

Општина Велес важи за една од општините во кои редовно се организираат крводарителски акции, во соработка на Општинската Организација на Црвен Крст со Републичките заводи за трансфузиологија, во кои целта е да се поттикне чувството за хуманост кај граѓаните, кои се помасовно излегуваат и даваат придонес со зголемен број на крвни единици, да се спаси животот на оние граѓани на кои им е потребно. Општина Велес уште еднаш изразува бескрајна благодарност до сите граѓани кои покажаа голема доблест и голема општествена одговорност, спасувајќи многу човечки животи со својата крв.