Општина Велес прва во Македонија со меѓународен сертификат за безбедност на информации ISO 27001

Општина Велес успешно ја помина сертификациската проверка на Интегрираниот менаџмент систем, со фокус на меѓународниот стандард за управување со безбедност на информации ISO 27001. На завршниот состанок со членовите на Сертификационото тело „ДАС“ со седиште во Обединетото Кралство, проверувачите изразија задоволство од организацијата на работата, примената на практиките за заштита на информациите на корисниците на услуги во oпштината и напредокот во примената на информатичката технологија. Тие упатија честитки до тимот на општината и  дадоа насоки за континуиран развој на системот согласно со меѓународниот стандард. Проверувачите најавија позитивен извештај и за првпат во една македонска општина, доделување на Сертификат за ISO 27001.

Сертификационото тело „ДАС“ е едно од водечките светски сертификациони тела. Седиштето на „ДАС“ е во Обединетото Кралство, а  има свои претставништва во САД, Австралија, Бразил, Сингапур, Русија, Јапонија, Кореја, Полска, Бугарија, Србија, БиХ, како и во други земји ширум светот. Проверката во Општина Велес ја спроведоа лица од претставништвата во Белград и Сараево.  Овој успеx е потврда на заложбите  на Велес, да биде општина лидер во примената на информатичката технологија и достигнувањето на највисоките меѓународни стандарди во обезбедувањето на услуги за граѓаните.