Започна означувањето и нумерирањето на градските улици
Денес Oпштина Велес започна со означувањето на имињата на улиците како и нивно нумерирање со соодветни броеви. Градоначалникот Славчо Чадиев ја постави првата табла на улицата 8-ми Септември како и на таблата на плоштадот С’рмаале. Оваа обврска произлегува од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.
Според овој закон: „поставувањето и одржувањето на таблата со име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект го врши општината”. Исто така според законот: „трошоците за набавка и поставување на табличките со броеви се на товар на сопствениците, односно на корисниците на објектот”, но Општина Велес овој пат донее одлука граѓаните да не бидат изложени на овој трошок, туку тоа да го покрие општината. На овој начин се излегува во пресрет на сите граѓани на Велес. Единствена обврска која ја имаат граѓаните е само да ги постават табличките со броеви на соодветно место од своите објекти. Таблите за означување и нумерирање на улиците се изработени од фирмата „Раде Кончар”. Целокупниот проект чини околу 1.000.000 денари.