Почнува електронскиот систем за одобренија за градба, надлежните подготвени

Од понеделник почнува електронското издавање одобрение за градба. Целата постапка е едноставна и се одвива по електронски пат од поднесувањето на одобрението до земањето на документот. Одобрението ќе се издава само во електронска форма, а доколку општината го издаде во хартиена ќе биде ништовно. Вклучените институции се подготвени за старт на овој проект, по кој Македонија е лидер во регионот. Ова го истакнаа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски  на денешната средба со градоначалниците во седиштето на ЗЕЛС. 

- Целокупниот процес од апликација се до издавање одобрение за градба и жалбената постапка ќе оди по електронски пат. Во Минситерството сме цврсто убедени дека со електронскиот систем, кој е прв во регионот, ќе се овозможи целосно поедноставување на процедурата, бидејќи самото движење на документите ќе оди исклучиво по електронски пат. Значи многу едноставна процедура и многу потранспарентна, бидејќи секој апликант, ќе  може да види во кој момент кај кого е неговиот предмет, изјави Јанакиески.

Според него системот ќе биде успешен. Направен е тест. Отстратени се аномалии кои се појавиле, а минситерот посочи дека и во индина доколку се појават недостатоци ќе се отстрануваат и системот ќе се подобрува.

Апелира до сите општини што немаат извадено електронски потрписи да го сторат тоа и да влезат подготвени во процесот на издавање одобрнија за градба по електронски потпис. Посочи дека тоа не е е значаен трошок за општините и чини 30 евра.

Дозволата досега според закон беше предвидено да се издава до 45 дена, но сега очекува времето да се намали, а да се намалат и трошоците.

- Дозволата во законот беше дека се добива до 45 дена, но сега е добро што целокупното движење на предметите се информира управната инспекција. Тука следуваат казни. Очекува дека ќе се намали времето и сите  трошоците, рече Јанакиески.

Според претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски, ова е голем исчекор во Македонија. - Многу е значаен, додаде, и за ЗЕЛС што има уште една електронска алатка која сите општини ќе можат бесплатно да ја користат.

Тој појасни дека општините исто така електронски ќе комуницираат електронски со своите служби во рамките на општината, а исто така и со институциите и јавните претпријатија од кои треба да добијат соодветните согласности. Откако сите документи ќе бидат во ред по електронски пат општината ќе биде информирана дека се платени комуналиите и одобрението по електронски пат ќе биде дадено.

- На овој начин ќе се зголеми ефикасноста во функционирањето и во работењето на општините и ефикасноста во што побрзо добивање на одобрението за градба. При тоа ќе се намалат трошоците кои се прават при печатење на хартија, движење на луѓето, а, исто така, ќе се смали и времето и малтеретирањето на луѓето кои бараат одобрение за градба. На овој начин Република Македонија, општините со поддршка на Министерството за транспорт и врски ќе бидеме држава во која инвеститорите и сите оние што градат ќе им треба многу малку време за да добијат електронско одбрение за градба, истакна Трајановски.

Тој потенцира дека спроведена е обука на сите оние кои ќе работат на процесот на електронски одобренија на градба, односно вработените во секторите урбанизам, архивите, финансии, во јавните претпријатија, како и Катастарот.

Јанакиески и Трајановски посочија дека станало збор на средбата и за иницијатива за поголема понуда на градежни парцели во општините за изградба на индивидуални објекти.

- Целта на оваа иницијатива е да се овозможи поголема достапност за градежни парцели на граѓаните и субјектите кои сакаат да градат нови објекти, особено што куќите нудат поквалитетно живеење и овозможуваат повеќедетни семејства, истакна Јанакиески додавајќи дека  земјиштето ќе се продава преку електронски аукции, ќе бидат по 300 метри квадратни, на кои почетна цена ќе биде едно евро за метар квадратен.

Градоначалникот и министерот посочија дека веќе има општини кои имаат понудат на вакви урбанизирани градежни парцели, како Битола, Прилеп, Гази Баба и Илинден. Тие истакнаа дека со поголема иницијатива настапуваат за да ги стимулираат општините да урбанизираат локации за куќи, додавајќи дека има простор во општините што се надвор од централното јадро, каде има земјоделско земјиште кое може да се урбанизира.

 

Извор: (МИА)
Превземено од: mtc.gov.mk