Општина Велес го доби сертификатот за поволно деловно опкружување

Денес (07.06.2013, Петок) во хотелот Холидеј Ин, Скопје на свечена церемонија на градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев му беше доделен сертификатот на „Oпштина со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа”. Во присуство на голем број гости, градоначалници, министри и преставници на бизнис секторот, поздравно обраќање имаа г-дин Коце Трајановски, градоначалник на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС; г-дин Златко Калеников, претседател на ССК; г-дин Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија; г-дин Ѓорѓија Сајковски, заменик-министер за локална самоуправа и г-дин Кристоф ди Марко, регионален проектен менаџер. По свеченото доделување на сертификатот на градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, во неговиот говор тој истакна дека овој ден е еден од деновите на сатисфакција за успешна работа на општината, ден кога се валоризира поставената цел и вложениот труд.

-„Сакам да искажам благодарност за ова огромно признание на сите што се вложија во имплементацијата на проектот - од ЗЕЛС што процени дека Велес е една од четирите општини од Македонија што има капацитет да аплицира на овој проект, до тимот за имплементација во Општина Велес”. – истакна градоначалникот Чадиев. Ианку, Општина Велес е една од четирите општини кои во изминатиот период беа дел од проектот Бизнис пријателска сертификација, Меѓународен печат за квалитет за Бизнис пријателски заедници. По сите завршени процеси на следење, евалуација и верификација, Општина Велес со 82,4 поени го зазема првото место при сертификацијата, пред Општина Струмица. За Општина Велес е од огромно значење тоа добиени се најголем број на поени во целиот процес на добивање на сертификатот за Бизнис пријателска Општина. Тоа е доказ за цврстата определбата на Општина Велес со засилен интензитет да ја развива локалната економија. Ова претставува и одраз на нашата сериозност и професионалност во градењето на подобра иднина. Овој проект на Општина Велес ќе и овозможи во иднина да привлече повеќе домашни и странски инвеститори, пред се преку модернизирање на своите услуги. Проектот е и во насока на обезбедување на поддршка на локалниот економски развој, јакнење на капацитетите на Општината и вклученоста на бизнис секторот. Во периодот што следи добивањето на овој сертификат е многу важно и од аспект на тоа што општината пред странските инвеститори и пред меѓународната заедница ќе даде гаранција дека се работи за стабилна општина, општина што е европски ориентирана и подготвена да прифати обврски што ќе гарантираат сигурност за странскиот инвеститор.