Веб-апликација за поднесување предлози од сите граѓани

Денес (11.06.2013, Среда) во просториите на Општина Велес се одржа презентација на веб-апликација преку која треба да се овозможи закајнување на локалниот интегритет во четирите општини: Велес, Чашка, Градско и Лозово. Апликацијата (www.prioriteti.focus.org.mk) ќе има за цел да го зголеми учеството на граѓаните во процесите на донесување на одлуки од една страна и зголемување на транспарентноста, отчетноста и одговорноста на локалната власт во испораката на квалитетни услуги кон своите граѓани од друга страна.

На презентацијата на веб-апликацијата присуствуваа: В.Д. на постојаниот преставник на УНДП во Македонија, Алесандро Фракасети, градоначалниците на Велес, Чашка, Градско и Лозово, претставници од министерството за информатичко општество, од министерството за локална самоуправа но и од месните и урбаните заедници и граѓанските здруженија. Преку оваа веб-апликација Општина Велес смета дека ќе се отвори еден нов простор за поднесување предлози од сите категории граѓани, ќе се прошири бројката на граѓани чиј глас и предлог е слушнат и земен предвид, а локалната власт ќе има реална претстава што навистина е приоритет за најголемиот број на граѓани, а не само за оние кои директно учествуваат на јавните расправи или ги доставуваат своите предлози преку урбаните и месни заедници и невладините организации.

Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев изрази задоволство од тоа што Велес е меѓу првите општини кои го воспоставуваат овој систем на интеркативен однос на општината со граѓаните. Тој истакна дека Општина Велес како еден од лидерите во децентрализацијата и понатаму ќе се труди да го задржи тоа ниво во секој сегмент од работата на општината. „Со оваа нова апликација ќе се добие еден нов квалитет во комуникацијата со велешани, ќе се надогради досегашната работа, ќе се запази транспарентноста како и досега согласно законите со акцент во доменот за борба против корупцијата” – напомена градоначалникот Чадиев. Водејќи се од мотото „Граѓаните-наша цел“ и во наредниот период Општина Велес ќе продолжи да посветува огромна енергија и внимание на градење квалитетна врска со граѓаните слушајќи ги нивните размислувања, предлози и идеи за подобрување на животот во општината.